ДИК: Во 33 општини конечни резултати за градоначалници, во 11 има приговори

По истекот на рокот за поднесување приговори, Државната изборна комисија (ДИК) денеска објави дека во 33 општини гласањето за градоначалници е завршено со конечни резултати, додека во 11 општини се поднесени приговори и таму резултатите сè уште не се потврдени.

„По приговорите ќе постапуваме денес или утре, а подносителите потоа имаат право на тужба до Управниот суд“, изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко, на 149-та седница.

Конечни резултати се објавени за општините Берово, Битола, Василево, Вевчани, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Делчево, Демир Хисар, Желино, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Крива Паланка, Липково, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Пласаница, Радовиш, Сарај, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струмица, Теараце и Штип.

Приговори се поднесени во Арачиново, Богданци, Босилово, Бутел, Велес, Гази Баба, Кривогаштани, Прилеп, Ресен, Чаир и Чашка.

Во делот за избор на советници, во 64 општини резултатите се конечни, а поднесени се 17 приговори за гласањето во други општини, меѓу кои Аеродром, Карпош, Кичево, Прилеп и Гази Баба.

ДИК досега примила вкупно 57 приговори, од кои 37 за сумирање на резултатите и 20 за самата постапка на гласање, соопшти Кондарко.