Македонија се приклучи на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Компаниите полесно ќе се приклучуваат во прекуграничната трговија со стоки и услуги, а граѓаните ќе добиваат поедноставни, побрзи и поевтини услуги при трансфери на пари во земјите од СЕПА“, напиша министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на својот ФБ профил по донесувањето на Одлуката во Брисел од страна на Европскиот совет за плаќања.
„Ова е потврда на напорите што ги вложи Министерството за финансии, Народната банка и другите институции кои во изминатиот период работеа на усогласување на регулативата за приклучување на земјата во областа на СЕПА, односно единствен систем на плаќање за граѓаните и бизнисите од земјата со оние од областа на СЕПА, односно ЕУ. За компаниите го олеснуваме вклучувањето во прекуграничната трговија со стоки и услуги во областа на СЕПА и проширувањето на нивниот бизнис и зголемување на нивната конкурентност, а за граѓаните овозможуваме поедноставни, побрзи и поевтини услуги при трансфери на пари во земјите од СЕПА“, наведува министерката.
Таа додава дека за да се оствари оваа цел Министерството за финансии пристапи кон измена на Законот за платежни услуги и платни системи и Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, со цел хармонизација со ЕУ регулативите.
„Компаниите и граѓаните ќе вршат трансфери како во домашниот платен промет со 38 земји кои се дел од СЕПА и ЕУ. Резултатите пристигнуваат, не отстапуваме од зацртаната цел да изградиме напредна држава и развиена економија. Македонија ги следи светските трендови“, посочува министерката Димитриеска-Кочоска.