Државниот грб ги задоволува сите потреби и во целост ја отсликува современата иконографија на Македонија, изјави лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски за Сител. Тој нагласи дека многу европски земји, вклучувајќи ја и Словенија, користат грбови од поствоениот период и дека ваквите теми не треба да бидат приоритет.
Грбот датира од 1946 година и претрпел две модификации, но и понатаму ги симболизира историјата, природните богатства и различноста на Македонија. Димитриевски истакна дека фокусот треба да биде насочен кон економскиот развој, борбата против корупцијата и евроинтеграциите, наместо кон промени на грбот, химната или знамето.
Говорејќи за односите во коалицијата, тој рече дека тие се принципиелни, но секој партнер има свои политики и ставови. Во однос на претстојните локални избори, најави дека ЗНАМ ќе учествува со советнички листи во општините каде што има свои организации и ќе соработува со ВМРО-ДПМНЕ. За неговата кандидатура за градоначалник ќе одлучат анализите и ставот на граѓаните.