На денешното рочиште за случајот со пожарот во Кочани, адвокатот Благој Димковски, бранител на пазарниот инспектор Весна Кузмановска, изјави дека одбраната ќе се темели на факти и докази, а не на претпоставки, и дека ќе докажат дека кај Кузмановска нема вина.
- „Зад името на Весна Кузмановска стои личност која повеќе од три децении работела професионално, одговорно и со интегритет. Никогаш не била предмет на дисциплинска постапка, пријава или прекршок. Јасно е дека таа е обвинета затоа што ревносно ја извршувала својата работа, казнувала, опоменувала и поднесувала пријави за неправилности. Ако не работеше ништо, ќе беше изземена од ова обвинение. Доколку постоела грешка, таа е грешка на системот, а не на едно лице што со чиста совест ги исполнувало законските обврски,“ рече Димковски.
Тој додаде дека Кузмановска е опфатена во обвинението без правна основа, аргументи и докази, како последица на административни недоразбирања и неточни претпоставки.
- „Обвинителот во воведниот говор зборуваше за одговорност од 2012 година наваму, за градоначалници, инспектори, министри, службеници… но не посочи за одговорност кај своите колеги обвинители. Јавно се прашувам, каде биле тие обвинители во овој период? Ако обвинителството е столб на системот, можеби многу од мааните на системот немаше да се случат, а можеби пожарот во Кочани можеше да се спречи,“ истакна Димковски.