Градоначалникот на Тузла, Зијад Лугавиќ, претпладнево потврди дека во пожарот што синоќа избувна во Домот за стари лица загинаа 11 лица.
Голем број повредени се пренесени во Универзитетскиот клинички центар Тузла, каде им се укажува итна медицинска помош. Тројца полицајци и петмина пожарникари се задржани на лекување, но сите се надвор од животна опасност. Меѓу повредените се и медицински работници и вработени во Домот за стари лица.
Директорот на Домот, Мирсад Бакаловиќ, денеска наутро поднесе оставка, потврдија од установата.
Според последните информации, 30 лица се хоспитализирани, а четворица штитеници на Домот се на механичка вентилација. Меѓу хоспитализираните се и петмина пожарникари и тројца полицајци.
Локацијата каде што избувнал пожарот сè уште е под полициско обезбедување, а пристапот до објектот е забранет. На терен се наоѓаат возила на итна помош и полиција.
Увидот во Домот започна во раните утрински часови, во присуство на инспектори за заштита од пожари. Дежурниот јавен обвинител, заедно со истражниот тим на Управата на полицијата на Тузланскиот кантон и стручни лица, продолжува со увидот за да се утврдат околностите на пожарот и причините за несреќата.
„Извлечени се снимки од видео надзорот во Домот. Денеска ќе се преземат дејствија за идентификација на телата и ќе бидат издадени наредби за обдукција. Јавноста навремено ќе биде информирана за сите преземени активности“, соопшти локалното Обвинителство.
Премиерот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Нермин Никшиќ, најави дека делегација од Владата денеска ќе отпатува во Тузла за да учествува во санацијата на Домот и згрижувањето на корисниците. Тој исто така најави формирање на тим на Владата кој ќе ги посети институциите во надлежност на ФБиХ и ќе побара соработка од кантоналните власти.
„Некои велат дека некои биле неодговорни и не се придржувале до инструкциите за исклучување на електронски уреди. Верувам дека вработените направиле сè што можеле, но треба да почекаме да видиме што конкретно се случило“, истакна Никшиќ.
Претседателот на Претседателството на БИХ, Жељко Комшиќ, изрази сочувство до семејствата на настраданите и понуди помош од државните институции.