Диви таксисти „оперираат“ низ Скопје: Туристи платиле 1500 денари за само два километри!

Граѓаните и туристите во Скопје повторно се соочуваат со добро познатиот проблем со нерегуларните такси превозници кои наплаќаат вртоглави суми за кратки релации. На социјалните мрежи се појави предупредување за случај во кој странски гости биле измамени од таксист кој користел возило со ознаки на непостоечка компанија.

Според сведоштвото објавено во групата „Travel to Macedonia“, инцидентот се случил на релација од трговскиот центар „Ист Гејт“ до центарот на градот – пат долг само околу 2 километри. Иако првично договорената цена била меѓу 500 и 600 денари (што само по себе е неколкукратно повеќе од реалната цена), патниците останале шокирани кога погледнале во таксиметарот.

„Откако видоа дека таксиметарот покажува 1.500 денари, што е речиси 25 евра, решија да сопрат уште пред да пристигнат на крајната локација поради неразумната цена“, стои во објавата.

Она што е особено загрижувачки во овој случај е фактот дека такси компанијата чие име било истакнато на возилото всушност воопшто не постои. На споделената фотографија се гледа возило „Мерцедес“ со скопски регистарски таблички, кое оперира низ градските улици без соодветни лиценци.

Авторот на објавата апелира до сите посетители да бидат крајно претпазливи при изборот на такси превоз и во вакви ситуации веднаш да ја повикаат полицијата. Овој случај повторно го отвора прашањето за недоволната контрола на „дивите“ таксисти кои го нарушуваат угледот на главниот град и директно влијаат врз искуството на странските туристи во земјава.