Доделени првите грантови за развој и промоција на туризмот во земјите од Западен Балкан

На свеченоста се обрати  директорката за Западен Балкан во Генералната дирекција на Европската комисија за политиката на соседство и преговори за проширување, Геновева Руиз Калавера која истакна дека туризмот го сметаат за важен двигател на економскиот развој на Европската унија, како и на регионот. Таа додаде дека Западниот Балкан може да ја унапреди оваа област и да развие разновидна туристичка понуда.

Проектот за развој и промоција на туризмот, предводен од Советот за регионална соработка (РЦЦ) во земјите од Западен Балкан, во петокот во Сараево се одржа свеченост по повод Првото доделување на грантови. Оваа година на церемонијата беа доделени 12 од вкупно 30 грантови во вредност од 548 илјади евра.

– Овие грантови, односно проекти, ќе придонесат за проширувања на туристичката понуда во регионот, затоа што ги опфаќаат сите шест економии на Западен Балкан, како во смисла на областа каде што ќе се реализираат, така и на тие што ќе ги спроведуваат. Затоа сметам дека имаме одлична регионална застапеност, поради што сум посебно среќен, изјави генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ.

Оваа година грантовите ги добија невладини организации и организации од сите шест земји на Западен Балкан.

Од Македонија единствен добитник на грант е Институтот за стратешко истражување и едукација за проектот „Скриените богатства на старата скопска чаршија“.

Извор: ТВ21