43-годишниот доктор, кој претходно призна дека го снабдил глумецот Метју Пери со анестетичкиот лек „Кетамин“, изрази каење и се изјасни за виновен. Како дел од договорот за признавање вина, дополнителните обвиненија против него беа отфрлени. Според обвинителството, докторот неколкупати му го набавувал лекот на Пери во периодот од 30 септември до 12 октомври 2023 година, а во неколку случаи и лично му го инјектирал. За тоа наводно добил и неколку илјади долари.
Сепак, според обвинителите, „Кетаминот“ што на крајот предизвика смрт на Пери не дошол лично од д-р Пласенсија.
Метју Пери беше пронајден мртов на 28 октомври 2023 година, на 54-годишна возраст, во џакузито во својот дом во Лос Анџелес. Тој беше светски познат по улогата во телевизиската серија „Пријатели“. Глумецот јавно зборуваше за својата борба со зависноста, а според извештаите, бил подложен на медицинска терапија поради депресија и анксиозност.
„Кетаминот“ е анестетик кој се користи и за лекување на депресија отпорна на третман, но исто така се злоупотребува како нелегална дрога. Според канцеларијата на медицинскиот испитувач на округот Лос Анџелес, смртта на Пери беше прогласена за несреќа и предизвикана од акутните ефекти на „Кетаминот“, со придонес на давење, срцеви заболувања и лекови за зависност од опиоиди.
По смртта на Пери, полицијата и обвинителството поднесоа сериозни обвиненија против пет лица. Тројца од нив – друг лекар, асистент и пријател на актерот – се изјаснија за виновни минатата година.