Лекарската комора не може да постапи за одземање на лиценцата на доктор Игор Кузмановски, поранешен директор на Клиниката за неврологија, затоа што тој во моментот нема активна лиценца, дознава „Слободен печат“.
Неговата лиценца истекла на 15 март 2025 година, а барањето за продолжување го поднел минатата недела. Постапката за лиценцирање сè уште е во процедура. На официјалната страница на Комората, името на Кузмановски не се наоѓа на списокот на лекари со валидна лиценца.
„Поднесов за продолжување, во процедура е. Во моментов учествувам во организационен одбор на невролошки конгрес во Охрид. Ве молам во овој тежок период за мене да ме поштедите, срце и душа давам за работата“, изјави докторот за медиумот.
Според правилата на Лекарската комора, лекар кој не ја обновил лиценцата во законски предвидениот рок, може повторно да се стекне со лиценца само по поминување на дополнителна обука и успешна проверка на стручните знаења пред испитна комисија. Лиценцата се издава на седум години, а барањето за обновување треба да се поднесе најмалку 30 дена пред истекот, што значи дека Кузмановски требало да ја поднесе на 15 февруари 2025 година.
Кузмановски беше разрешен од директорската функција во петокот, два часа откако на социјалните мрежи се појави снимка на која тој зборува за купување кокаин. Викендов анонимно писмо потпишано „од колеги од Клиниката за неврологија“ стигна до медиумите, изразувајќи поддршка за докторот. Извори од Клиниката за неврологија потврдија дека утринава бил одржан состанок за испраќање официјален став на институцијата.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат соопшти дека до нив не е доставена претставка од пациенти за работа на професор Кузмановски. Лекарската комора информира дека со загриженост ги следи информациите и ќе постапи согласно етичкиот кодекс, кој бара висок морален и етички стандард во професионалниот и приватниот живот на лекарите.
За споредба, Комората во април 2023 година му ја одзеде лиценцата на анестезиологот Ваљтон Дервиши од Тетово за етички прекршок поврзан со објавување снимки од пациенти и вработени на „Тикток“. Процедурата се спроведе преку Комисијата за етички прашања и Судот на честа на Лекарската комора.
Кузмановски беше назначен за директор на Клиниката за неврологија на 8 август годинава, на местото на Фатмир Меџити, кој додека бил директор бил и хонорарец на Министерството за здравство, примајќи 1.000 евра месечен хонорар.
Според Етичкиот кодекс на лекарите (член 62), лекарот во професионалниот и приватниот живот треба да ги негува и покажува личните квалитети соодветни на местото и достоинството на професијата, и да избегнува несоодветни, лекомислени или понижувачки постапки кои го компромитираат угледот на колегите.