Месеци по трагедијата: Лица кои биле во „Пулс“ без видливи повреди, сега пријавуваат проблеми со дишењето

Во Кривичниот суд во Идризово во вторникот се одржа второто рочиште за случајот „Пулс“, но расправата повторно беше одложена откако дел од одбраната реагираше дека не го добиле новото интегрирано обвинение и не можат да се изјаснат за вината на обвинетите, ниту да дадат воведни зборови.

Пред почетокот на главната расправа, одбраната изнесе повеќе забелешки за постапката и за доказниот материјал. Неколку адвокати тврдеа дека обвинителниот акт бил изменет, особено во делот за времето на извршување на кривичното дело.

„Во јавноста се создава впечаток дека одбраната го одолговлекува процесот, но тоа не е точно. Обвинителството прави пропусти и токму тоа ја забавува постапката. Треба да се утврди дали обвинението е изменето или не,“ изјави адвокатот Звонко Давидовиќ.

Сличен став изнесе и адвокатот Петре Шилегов, предупредувајќи дека „може да дојде до грубо прекршување на кривичната постапка, што би било основ предметот да падне во жалбена постапка“.

Обвинителот Борче Јанев оцени дека станува збор за технички исправки, а судот го прифати ставот дека не се работи за нов обвинителен акт. Сепак, судијката дозволи исклучок за обвинетите кои навистина не го добиле обвинението, поради што воведните обраќања и изјаснувањето за вина денеска не се одржаа.

Оштетените се приклучуваат на обвинението

По паузата, рочиштето продолжи со читање на листата на оштетени и нивни застапници. Сите оштетени соопштија дека се приклучуваат на кривичниот прогон.

Семејствата на жртвите уште еднаш побараа правда и проширена истрага.

„Кој му дозволи на монструмот да ги убие нашите деца? Кој му помогна? Ова не е убиство, ова е геноцид. Очекуваме обвинителен акт и од ОЈО ГОКК, сите полицајци да бидат опфатени од тој кобен 16 март, па хронолошки да се вратиме до 2012. Мора да има правда,“ изјави Јулија Златкова, мајка на загинатиот Томас Златков.

По завршувањето на рочиштето, пред судот се случи тензична размена меѓу дел од семејствата на жртвите и адвокатите.

Нови здравствени компликации кај преживеаните

Неколку месеци по трагедијата во дискотеката „Пулс“, дел од преживеаните кои првично немале физички повреди почнаа да пријавуваат нови здравствени проблеми. На денешното рочиште беа презентирани податоци дека повеќе лица развиле симптоми како отежнато дишење, замор и други последици кои сериозно ја нарушуваат нивната здравствена состојба.

Иако во март, при првичните медицински прегледи, не покажувале знаци на повреда, лекарите сега ги поврзуваат новите симптоми со долгорочната изложеност на чад и токсични гасови за време на пожарот.

Трагедијата во „Пулс“ однесе 63 животи, а над 200 лица беа повредени. Судскиот процес допрва се очекува да ги расчисти причините и одговорностите, а обвинети се физички и правни лица кои се товарот дека со пропусти придонеле до катастрофата.

Новите здравствени случаи отвораат дополнителна димензија на последиците од пожарот, потсетувајќи дека борбата на преживеаните продолжува и долго по напуштањето на запалената дискотека. Институциите повторно се повикуваат да обезбедат темелни контроли на безбедносните стандарди, но и долгорочна медицинска грижа за сите засегнати.

Следното рочиште е закажано за 2 декември, вторник.