Доналд Трамп: Имаме купувач за TikTok

Во интервју за „Фокс њуз“, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека пронашол купувач за апликацијата за кратки видеа „ТикТок“, кого го опиша како група „многу богати луѓе“ чии идентитети ќе ги открие за околу две недели, објави „Ројтерс“.

Трамп рече дека договорот што го развива веројатно ќе треба да добие одобрение од Кина за да продолжи понатаму и предвиде дека кинескиот претседател Си Џинпинг веројатно ќе го одобри.

Порано овој месец, американскиот претседател го продолжи до 17 септември рокот до кој кинеската компанија ByteDance мораше да ги продаде американските средства на TikTok, и покрај законот што налагаше продажба или суспендирање на работењето без значителен напредок.

Во пролетта оваа година, беше во подготовка договор со кој ќе се одвоеа американските операции на TikTok во нова американска компанија, во мнозинска сопственост и управувана од американски инвеститори, но тој беше запрен откако Кина посочи дека нема да го одобри по најавата на Трамп за високи царини за кинески стоки.

„Патем, имаме купувач за TikTok“, рече Трамп. „Мислам дека веројатно ќе ми треба одобрение од Кина. Мислам дека претседателот Си веројатно ќе го стори тоа“, рече американскиот претседател.