Граѓаните кои скенираат фискални сметки и очекуваат поврат на ДДВ за третото тримесечје сè уште ги немаат добиено средствата, иако досега пракса беше парите да легнат меѓу 10 и 15 во месецот.
Бидејќи рокот истекува, многумина изразуваат загриженост поради доцнењето.
Од Владата велат дека ќе проверат каде настанал застој.
„Информациите се дека повратот се одвива регуларно, но ќе побарам проверки во Министерството за финансии и УЈП“, изјави портпаролката Марија Митова.
Од УЈП појаснуваат дека тие само ги поднесуваат пресметките, додека исплатата ја врши Министерството за финансии. Од таму уверуваат дека нема да има пробивање на законскиот рок: исплатите ќе завршат до 30 ноември.
Според последните податоци на УЈП, околу 503.000 лица скенираат фискални сметки, а за второто тримесечје беа исплатени 14,3 милиони евра.
Услугата „МојДДВ“, воведена во 2019 година, продолжува да функционира и покрај претходните критики од сегашната власт. Министерството најави надградби на системот, но не и укинување на мерката.