Дождот ја шири заразата, се поставуваат дез-бариери пред училиштата – Епидемиолозите стравуваат за децата

Комуналната криза со сметот во главниот град се заканува да прерасне во сериозна здравствена криза, особено по последните врнежи од дожд. Експертите предупредуваат дека дождот ја усложнува ситуацијата, бидејќи и граѓаните кои немаат директен контакт со наталожените купишта ѓубре, газат на местата каде што тоа било наталожено и на тој начин ја внесуваат заразата директно во своите домови.

Како итна превентивна мерка, Институтот за јавно здравје наложи пред прагот на секое училиште да бидат поставени дезинфекциони бариери.

Епидемиологот, проф. д-р Драган Даниловски, упати сериозно предупредување, посочувајќи дека децата се најранливата категорија во оваа ситуација.

„Нивниот имунолошки систем е сè уште во развој, што го прави ризикот од изложеност многу поголем“, изјави Даниловски. Тој објасни дека децата при игра се во постојан контакт со загадената почва, а „ако се инфицираат, може да дојде до тешка клиничка слика“.

Поради сериозноста на ситуацијата, надлежните ги повикаа граѓаните на зголемена претпазливост. До нив се упатени препораки задолжително да го селектираат ѓубрето во своите домови и по секоја цена да избегнуваат каков било контакт со расфрланиот смет по улиците.

Истовремено, издадена е и задолжителна наредба до локалните власти и јавните претпријатија итно да започнат со миење на улиците за да се намали концентрацијата на патогени микроорганизми.

Паралелно со здравствената криза, продолжува и правната разрешница. Јавноста сè уште чека детали за одговорноста, додека истражните органи го испитуваат случајот под сомнение за сторено кривично дело поврзано со постапувањето со отпад.

Според последните информации, Јавното обвинителство веќе ја чешла обемната документација во јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Додека се чекаат одговорите од истрагата, меѓу граѓаните владее страв од последиците по комуналната криза и ризикот по јавното здравје.