Со чамци и бродови на крајбрежната стража, противпожарната служба и приватни сопственици, попладнево по морски пат се евакуираат над 250 жители и туристи од приморското место Сивири на првиот крак на Халкидики. Пожарот, кој сè уште е вон контрола, се засилува, а кон подрачјето се упатуваат дополнителни противпожарни сили од цела Грција, јавува дописничката на МИА од Атина.
Пожарот избувна околу 14 часот по локално време и поради неповолните временски услови брзо се рашири. Преку европскиот број за итни случаи 112 беа испратени четири предупредувачки пораки, од кои три беа директни наредби за итна евакуација на Сивири и Фурка.
Граѓаните и туристите кои не успеаја да го напуштат Сивири по копнен пат, се префрлаат од плажите кон Сани, земајќи ги со себе само најнеопходните работи.
Масовна акција за спасување по море
Во акцијата за спасување се ангажирани патролни бродови и чамци на надлежните служби, најмалку девет приватни пловила, а кон местото се упатени уште еден патролен чамец и траект од локална бродска компанија. Чамци и бродови се распоредени и на плажата во Фурка за евентуално дополнително прифаќање луѓе.
Според заменик-портпаролот на противпожарната служба на Грција, Јанис Артопиос, станува збор за исклучително тежок и голем пожар кој од Касандрија се движи кон Сивири.
„Во моментот полесно се повредени двајца пожарникари, додека меѓу граѓаните за среќа нема повредени“, изјави Артопиос за државната телевизија ЕРТ.
Мобилизација од цела Грција и меѓународна помош
За овладување на стихијата ангажирани се 148 пожарникари со 54 возила и четири пешадиски тима. Меѓу нив се и 12 пожарникари со три возила од Молдавија, кои престојуваат во Грција во рамките на Европскиот механизам за цивилна заштита.
Од воздух огнот го гаснат девет авиони и три хеликоптери (од кои еден за координација), а поддршка даваат и цистерните на општина Касандра.
Како засилување, кон Халкидики со воен авион „Ц-27“ од Атина се упатуваат уште 40 пожарникари, како и дополнителни тимови од Јанина, Александруполи, Козани, Волос и Кавала. На терен се распоредени и шест возила на брза помош, мобилна медицинска единица и тимови на мотоцикли за итна интервенција.
Обезбедено сместување за погодените
Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција, во соработка со Грчката хотелска комора, активираше специјална платформа за привремено сместување на сите лица погодени од шумскиот пожар.
Инаку, поширокиот регион на Халкидики денеска се наоѓа во категорија 4 (многу висока опасност) за избивање шумски пожари.