Драма на реката Сава во Белград: Повеќе од 200 гости евакуирани поради опасно навалување, интервенира речната полиција

Белградската речна полиција спречила потенцијална трагедија на реката Сава синоќа, кога за време на редовна патрола забележала дека терасата на сплавот „Веслачки клуб“ била преоптоварена со луѓе и опасно навалена кон површината на водата.

Како што дознава Telegraf.rs, поради сериозната опасност од продирање на вода во објектот, веднаш биле испратени дополнителни полициски сили на местото на настанот, а за инцидентот биле известени и надлежните служби. По наредба на стручните екипи, посетителите биле евакуирани и сите безбедно го напуштиле објектот пред да настанат поголеми последици.

Во тој момент на сплавот имало повеќе од 200 млади луѓе, потврдил раководителот на објектот.

Инспектори од Одделот за инспекција за безбедност на пловидбата ќе утврдат дали сплавот е воопшто регистриран и дали ги има сите дозволи за работа, додека другите надлежни институции ќе испитаат дали се почитуваат законските прописи.

Благодарение на брзата реакција на речната полиција, спречена е голема несреќа, а истрагата ќе покаже кој е одговорен за загрозувањето на безбедноста на гостите.