Македонија

Драма во кумановскиот суд: Обвинетиот за четирите убиства во Старо Нагоричане молчеше и не реагираше пред судијата

Драма во кумановскиот суд: Обвинетиот за четирите убиства во Старо Нагоричане молчеше и не реагираше пред судијата
Фото: Телма

Првото рочиште од судскиот процес против Трајко Бојковски, обвинет за серија убиства и обиди за убиства на жени во кумановскиот регион, започна со проблеми откако обвинетиот одби да комуницира со судот.

Во Кривичниот суд во Куманово, Бојковски воопшто не го насочувал погледот кон судијата, туку со фиксиран поглед гледал кон таванот и не одговорил ниту на основното прашање дали неговото име е Трајко Бојковски.

Поради ситуацијата, судијата даде десетминутна пауза за да се процени дали постојат услови процесот да продолжи. За време на паузата, обвинетиот ја спуштил главата, ги ставил рацете на слепоочниците и продолжил да молчи.

Дел од семејствата на оштетените, кои присуствуваат во судницата, реагираа дека обвинетиот „се преправа“, додека неговиот бранител е адвокатот Драган Трајковиќ.

На рочиштето присутни се и полномошници на семејствата на жртвите – Јанка Антевска, Мира Станковска, Марија Мариновска и Росанка Трајковска.

Обвинителството во Куманово на 19 јуни поднесе обвинителен акт против Бојковски од Старо Нагоричане, кој се товари за четири убиства и два обиди за убиство на повозрасни жени. За делата му се заканува казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.

Според Обвинителството, психијатриските вештачења спроведени во текот на истрагата покажале дека делата биле извршени од ниски побуди.

Обвинението опфаќа повеќе случаи во кумановскиот регион, меѓу кои убиства во селата Клечовце, Драгоманце, Старо Нагоричане и Челопек, како и два обида за убиство.

Бојковски беше спроведен во судницата од притвор, а по паузата судот треба да одлучи дали и под кои услови ќе продолжи постапката.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни