Драматично спасување во Бутел – маж падна во коритото на реката Серава

Драматична акција за спасување се одвивала вчера попладне во скопската општина Бутел, откако повозрасен маж паднал во коритото на реката Серава, спроти Градските гробишта.

Настанот бил пријавен до надлежните служби, по што веднаш реагирале екипи на Противпожарната бригада на Скопје, полицијата и Итната медицинска помош. Благодарение на нивната брза интервенција, мажот бил извлечен од реката и пренесен во здравствена установа за понатамошна медицинска грижа.

Очевидци велат дека коритото на Серава е запуштено и обраснато со густо зеленило, што го прави особено опасно за движење во неговата близина. Тие потсетуваат дека ова не е прв ваков инцидент – пред околу еден месец таму паднала и повозрасна жена, која, за среќа, поминала само со полесни повреди, благодарение на брзата реакција на случајни минувачи.

Граѓаните апелираат до надлежните институции итно да се преземат мерки за чистење и обезбедување на коритото, за да се спречат нови несреќи.