Али Ахмети не спомна непријателски медиуми, туку агресивни непријателски тонови од страна на граѓаните, поттикнати од политичките партии во контактните емисии на овие телевизии. Ваков е ставот на ДУИ по реакциите во јавноста што ги поттикна изјавата на првиот човек на партијата, Али Ахмети во Гостивар, кој директно ги прозва телевизиите „Алфа“ и „Телма“ во своето обраќање.
„На кого му вршиме услуга со овие движења што се прават? Сигурно дека на непријателите на Албанците. Ракоплескаат, Алфа, Телма, Мелма… Што добија Албанците што се делеа во минатото. Ништо не добија“, рече Ахмети синоќа во Гостивар.
Утрово од ДУИ велат дека Ахмети зборувал за недостигот на ангажман од страна на македонските политички партии со граѓаните во контекст на односите со Албанците.
„Вознемирувачка е омразата кон албанските лидери на државните институции, која се прикажува од македонските граѓани во контактните емисии на македонските телевизии со етикети како Бугар Османи, Артан Груби терористот, навреди кон самиот Али Ахмети и другите. Тоа е последица на неработењето на македонските политички партии со граѓаните и намерното продлабочување на поделбите помеѓу народот“, велат од ДУИ.
Оттука велат дека Ахмети и ДУИ се сојузници на медиумите, граѓанското општество и слободата на говорот, а тоа го имаат докажано во изминатите 22 години во нивното секојдневно дејствување.