ДУИ бара повлекување на назначувањето на Петар Богојевски: „Навредите кон Албанците се наградуваат со функции“

Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро реагираше на одлуката на Владата за именување на Петар Богојевски за раководител на Агенцијата за европски образовни фондови, нарекувајќи ја оваа одлука „срамна“ и „директна провокација“.

Во партиското соопштение, ДУИ оцени дека се работи за поединец кој „целата своја јавна и политичка кариера ја изгради со навреди и омаловажувања кон Албанците“, што според нив е несоодветно за позиција која има мандат да ги приближува младите кон европските вредности.

„Овој чин испраќа опасна порака – дека навредите кон Албанците не само што не се санкционираат, туку и се наградуваат со државни позиции“, стои во реакцијата.

ДУИ дополнително истакнува дека е иронично што токму партиите на вЛЕН, кои претходно поднеле кривична пријава против Богојевски, сега го поддржуваат неговото именување.

„Доверувањето на управувањето со европски фондови на човек кој упатувал навредливи пораки до Албанците и до самата Европска унија претставува понижување за европските партнери и даночните обврзници на ЕУ“, нагласуваат од партијата.

ДУИ бара Владата итно да ја повлече одлуката и да ја врати сериозноста во институциите поврзани со европската интеграција, образованието и соживотот. „Државата не смее да биде сцена за евтини провокации, особено не на сметка на соживотот и европската перспектива“, се наведува во реакцијата.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното