Демократската унија за интеграција (ДУИ), партијата која речиси две децении беше дел од власта, се обидува да го избегне соочувањето со правдата преку етничка реторика, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по најновото соопштение на ДУИ во кое се обвинува дека постои еднострана и неправедна истрага насочена кон Албанците во институциите.
„ДУИ повторно се обидува да го прикрие криминалот зад етничкиот чадор. Нема истраги против Албанците – има истраги против поединци за кои постојат сериозни сомнежи за злоупотреба на службена положба. Ова не е етничко прашање, туку борба за правда и отчетност,“ стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата потенцираат дека никој не смее да биде недопирлив, без разлика на националноста или политичката функција што ја вршел.
„ДУИ сака да создаде конфликт таму каде што постои само примена на законот. Но, времето на селективна правда и политички заштитени функционери е завршено. Во држава што гради европска иднина, не може криминалот да се претставува како напад врз цела етничка заедница“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека институциите мора да функционираат без политички притисоци и дека борбата против криминалот и корупцијата останува еден од врвните приоритети на Владата.