ДУИ: Нашиот глас ќе се слушне, еднаквоста не се преговара – Охридскиот договор нема да се погази!

Демократската унија за интеграција денеска преку соопштение информира дека со длабока загриженост и отворено негодување ја осудува „сè поотворената политичка улога на Уставниот суд на Северна Македонија, кој не само што ја напушти својата мисија како независна институција, туку се претвори во инструмент на власта за рушење на темелите на меѓуетничката еднаквост и на Охридскиот мировен договор“.

Како што велат, јавните изјави на Претседателот на овој суд, кои ги минимизираат меѓуетничките проблеми и ги прикажуваат како алатка за политички цели, не се само неодговорни, туку и длабоко опасни.

„Тие имаат за цел да го одвратат вниманието од системската дискриминација која сè уште постои и да ја прикријат институционалното потфрлување во сите области, од ЕУ до заробена држава.

Уставниот суд веќе не се крие зад неутралноста – тој делува како параполитички продолжеток на актуелната власт. Најавата дека одлуката за Законот за употреба на јазиците ќе биде донесена по изборите не е случајна, туку дел од добро осмислен план за привремено одржување на нивниот политички проект кај Албанците преку квазипретставници без легитимитет, за потоа да се нападнат сите постигнувања стекнати преку Охридскиот договор.

Гласовите кои со месеци предупредуваа за тајна спогодба меѓу Владата и Судот за укинување на законот по изборите, сега добиваат облик на свршен чин. Овие случувања откриваат една горчлива вистина: еднаквоста и соживотот се ставени на нишан од самите институции кои треба да ги штитат.

Претстојните избори повеќе не се само политички избори – тие се референдум за албанскиот јазик, за граѓанската еднаквост и за насоката во која ќе се движи нашата држава. Ќе биде ли ова држава на сите граѓани, или маскиран режим што ја користи правдата за да го задуши идентитетот и правата на Албанците?

Не смее да се дозволи ниту една институција да ги злоуботреби механизмите на државата за да ја врати неправдата од минатото. Охридскиот договор не е само мировен документ, туку и државотворен договор. 

Нашиот глас ќе се слушне. Еднаквоста не се преговара. Охридскиот договор нема да се погази“, велат од ДУИ.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното