Дурмиши вели дека паѓале цените на храната, немало потреба од нови мерки

Министерството за економија и труд нема да воведува нови ограничувања на маржите или цените на храната, бидејќи статистиката бележи пад. Според министерот Бесар Дурмиши, во декември цените на храната и пијалаците се намалени за 0,4%, а очекувањата се дека овој тренд ќе продолжи и годинава.

„Секојдневно ја следиме ситуацијата во соработка со Пазарниот инспекторат. Доколку забележиме енормно зголемување на цените, веднаш ќе реагираме со мерки“, изјави Дурмиши.

Тој потсети дека минатата година биле извршени над 20 илјади контроли, при што се изречени казни во вредност од 2,5 милиони евра за трговците кои неоправдано ги покачиле цените. Според министерот, засилените контроли на терен веќе даваат резултати.