Дурмиши вели дека растот на платите мора да биде постепен и економски стабилен!

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, потврди дека Владата останува на ставот да го поддржи секој заеднички договор меѓу синдикатите и работодавачите за зголемување на минималната плата.

Тој нагласи дека растот на платите во јавниот и приватниот сектор мора да биде постепен и економски стабилен.

За четврток е најавен состанок со синдикатите на УПОЗ, по што ќе следи седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС). Владата ќе дејствува како медијатор и ќе го прифати секое решение околу кое ќе се усогласат двете страни.

Според Дурмиши, преку трипартитниот дијалог веќе се решени барањата на 85% од вработените во јавната администрација. Остануваат уште 7.700 вработени со кои допрва ќе се преговара.

Во март се очекува нивелирање или пораст на минималната плата за 7 до 8 отсто. Проекциите на Владата се дека до 2028 година вкупното зголемување ќе изнесува околу 40%.

Министерот беше дециден дека нема да се донесе одлука за посебно зголемување на платите на функционерите. Нивните примања ќе се корегираат исклучиво според податоците на Државниот завод за статистика, следејќи ја истата методологија како за сите останати вработени.

Дурмиши заклучи дека фокусот на Владата останува на одржување на стабилна економска рамка, истовремено одговарајќи на потребите на граѓаните преку претходно реализираните зголемувања во здравството, образованието и полицијата.