Два руски аеродроми привремено ја прекинаа работата поради напади со беспилотни летала. Едниот е во големиот град Казан, а другиот е во Ижевск, помал град североисточно од Казан.
Рускиот аеродром во Казан привремено престана да прима и испраќа летови, објави денеска на каналот Телеграм руската служба за надзор на воздушниот транспорт Росавијација, по нападот на украинските беспилотни летала врз градот, пренесе Ројтерс.
Руските државни медиуми објавија напад со дрон врз станбен комплекс во Казан, град на околу 800 километри источно од Москва. Новинската агенција ТАСС јави дека биле извршени осум напади со беспилотни летала, од кои шест врз станбени згради.
Руските агенции не јавуваат за жртви, повикувајќи се на локалните власти.
Каналот Baza Telegram, кој е близок до руските безбедносни служби, објави непроверена видео снимка на која се гледа како воздушен објект удира во висока зграда и предизвикува голема огнена топка.
Росавијација, исто така, најави воведување привремени ограничувања на работата на аеродромот во Ижевск, помал град североисточно од Казан.