Два нови случаи со голема кашлица во Скопје: Меѓу нив и петмесечно бебе!

Во периодот од 10 до 16 јануари, регистрирани се два нови случаи на голема кашлица кај деца од Скопје, информираа од Институтот за јавно здравје.

Едниот случај е петмесечно бебе, кое е невакцинирано, пријавено на 10 јануари. Второто дете, четиригодишно и комплетно вакцинирано, е пријавено во понеделникот. Двете деца се лекуваат амбулантски, соопштија надлежните.

Во претходниот седумдневен период не е евидентиран ниту еден случај на голема кашлица. Последен регистриран случај пред овие два бил пријавен од 27 декември до 2 јануари, кога болнички било лекувано невакцинирано двомесечно бебе од Скопје, кое сè уште не ја достигнало возраста за вакцинација.

Епидемиолошка состојба со голема кашлица
Во текот на сезоната 2024/25 година, заклучно со 16 јануари, во земјава се регистрирани вкупно 1.176 случаи на голема кашлица, со инциденца од 64 на 100.000 жители.

Епидемијата во Куманово е одјавена на 14 јануари, со регистрирани вкупно 107 заболени. Последниот случај таму бил пријавен на 18 ноември. Сепак, епидемијата во град Скопје и натаму е активна, предупредуваат од Институтот за јавно здравје.

Вакцинација против голема кашлица
Од 18 јануари 2024 година до вчера, на територијата на државата се аплицирани вкупно 94.822 дози вакцини со компонента против голема кашлица.

Надлежните повторно апелираат до родителите да ги вакцинираат своите деца согласно календарот за имунизација, со цел заштита од ова сериозно заболување и спречување на натамошно ширење.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното