Судија на претходна постапка при Основниот суд во Кочани одреди мерка куќен притвор за две лица – даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат во Штип. За уште шест други лица опфатени со истрагата изречени се мерки на претпазливост, додека едно лице доби дополнителна мерка на претпазливост. Ова го потврди претседателот на Основниот суд – Кочани, Спиро Борисов. Одлуките следуваат по отворањето на постапка од Основното јавно обвинителство Кочани против вкупно 11 лица осомничени за коруптивни кривични дела поврзани со работата на клубот „Пулс“.
Според информациите од Обвинителството, двајцата даночни контролори на кои им е определен куќен притвор се сомничат дека ја злоупотребиле службената положба и пристапот до службени податоци. Тие наводно откривале информации за ненајавени контроли во правни субјекти и го предупредувале одговорното лице од клубот „Пулс“, со што овозможиле прибавување противправна корист и подароци.
Двајцата се осомничени за „примање поткуп“ согласно член 357 од Кривичниот законик, додека одговорното лице – синот на реалниот сопственик на клубот – се сомничи за „давање поткуп“ по член 358. За првите двајца Обвинителството предложи притвор, а за третото лице мерките на претпазливост што веќе му се определени во другата постапка за пожарот во „Пулс“ треба да бидат проширени со забрана за контакти со новоосомничените.
Во соопштението се наведува и дека шест лица – даночни инспектори и раководни службеници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица – се сомничат дека овозможувале правните субјекти „ММММ кафе“ и „Пулс“ да избегнуваат даночни контроли и да работат без соодветна фискализација. Тие се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик, а за нив се предложени мерки на претпазливост.
Сопственикот на „Пулс“, кој веќе се наоѓа во притвор во друг случај, сега е осомничен и за „фалсификување исправа“ по член 378, поради наводно користење преправени фискални апарати и извештаи со невистинити податоци за време на контроли од УЈП, со цел избегнување казни и затворање на објектот.
Осомничена е и инспекторка од Државниот пазарен инспекторат. Таа е веќе опфатена со претходната постапка и има мерки на претпазливост, а по прибирање нови докази сега се сомничи и за „оддавање службена тајна“ по член 360 поради откривање информации за ненајавени контроли.