Норвешката служба за внатрешна безбедност денеска соопшти дека во Осло е уапсен маж под сомнение за вмешаност во терористичка организација. Уште едно лице идентификувано како норвешки студент е уапсено во Бугарија во координирана операција, објави Асошиејтед прес.
Подоцна денеска осомничениот приведен во норвешката престолнина ќе се појави пред суд за да му биде одреден притвор. Неговиот идентитет не се открива.
Портпаролот на безбедносната полициска служба, Трун Хугубакен, изјави за Норвешката радиодифузна корпорација дека другиот осомничен е приведен во Бугарија според европскиот налог за апсење издаден од норвешкото обвинителство. Апсењето е извршено во близина на Софија.
