Протесното движење „Кој е следен?“ беше покането на седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието, закажана за 9 декември 2025 г. На седницата, единствената точка на дневниот ред е претставката што здружението на родителите од Кочани „16-ти Март“ ја поднесе до Собранието, барајќи политичка одговорност и законски измени што ќе гарантираат дека ваква трагедија веќе никогаш нема да ни се повтори.
За таа цел, „Кој е следен“ во сабота, 6.12.2025 г. во 18.00 часот ќе одржи јавен онлајн состанок за да ја образложи ситуацијата пред јавноста и да го изнесе предлогот за нашето излагање на самата седница. Во ова излагање сакаме да вклучиме ставови и барања од што е можно повеќе луѓе и да бидеме гласноговорници на народот во Македонија кој упорно е занемарен, игнориран и изманипулиран од институциите што треба да го претставуваат. Сите добиени предлози и забелешки ќе бидат систематизирани и презентирани пред пратениците и сите присутни на седницата.
Сметаме дека е неопходно процесот да биде транспарентен, инклузивен и насочен кон утврдување на политичката одговорност и кон подобрување на институционалните механизми за заштита на нашите граѓански права. Гласот на сите нас мора да има свое место во институционалните процеси, особено кога станува збор за прашања поврзани со безбедностз, политичката одговорност и работата на надлежните органи. Наше е да се погрижиме секое релевантно мислење да биде слушнато и точно пренесено.