Недоволен број инспектори, проблеми со дигитализацијата, неправилности при распоредувањето на вработените и слабости во финансиското и материјалното работење се дел од наодите во најновиот ревизорски извештај за Државниот пазарен инспекторат.
Државниот завод за ревизија за финансиските извештаи на ДПИ за 2024 година изразил неповолно мислење, додека за усогласеноста со законите, упатствата и воспоставените политики дал мислење со резерва.
Во текот на 2024 година инспекторите спровеле вкупно 28.263 инспекциски надзори – 21.108 редовни, 5.106 вонредни и 2.049 контролни. Овие активности ги извршувале 148 инспектори, што претставува само 47 отсто од вкупно 313 систематизирани работни места.
Според ревизорите, недостигот од инспектори и тенденцијата на нивно намалување влијаат врз можноста на ДПИ целосно да ги реализира планираните контроли и законските надлежности. Дополнително, пет одделенија во периодот опфатен со ревизијата функционирале без раководители.
Пропусти се утврдени и при распоредувањето на административните службеници на инспекторски места. Од јануари до октомври 2024 година биле донесени 19 решенија за распоредување, иако за нив немало обезбедени средства во буџетот, а не биле предвидени ниту со Годишниот план за вработување.
Во декември 2024 година, 17 од овие решенија биле поништени, по што вработените биле вратени на претходните работни места.
Проблеми со дигитализацијата
Ревизорите утврдиле дека не биле воспоставени регистрите и информацискиот систем за управување со инспекцискиот надзор, а апликацијата „Е-инспектор“ не била целосно ставена во употреба.
ДПИ немал ниту единствена и целосна електронска база на податоци со методологија за проценка на ризик. Според ДЗР, ова го отежнува планирањето на контролите според степенот на ризик, како и следењето на реализацијата на инспекциските надзори.
Констатирана е и нецелосна евиденција на документацијата од инспекциските контроли, како и несоодветно следење на законските измени и ажурирањето на листите за проверка.
Само пет инспектори за безбедност на производи
Особено загрижувачка е состојбата во Одделението за инспекциски надзор за безбедност на производи. Од 14 предвидени работни места, на крајот на 2024 година биле пополнети само пет.
Во периодот од 2022 до 2025 година, примероци од одредени производи биле испраќани на лабораториски анализи во акредитирани лаборатории во странство, а средствата за испитувањата биле обезбедувани преку меѓународни проекти.
Како резултат на лабораториските испитувања, во овој период од македонскиот пазар биле повлечени 40 производи.
ДЗР, сепак, укажува дека продолжувањето на ваквите контроли е неизвесно по завршувањето на проектната поддршка, поради ограничените буџетски средства на ДПИ за континуирани лабораториски испитувања во странство.
Ризик при чувањето на одземени предмети
Ревизијата покажала слабости и во начинот на кој се чуваат предметите одземени при инспекциските контроли.
ДПИ нема сопствени објекти каде што предметите би се чувале од моментот на одземањето до нивното предавање на Агенцијата за управување со одземен имот.
Според ДЗР, ваквата состојба создава ризик од несоодветно чување и постапување со предметите, субјективно постапување, како и евентуални загуби со финансиски последици за институцијата.
Неевидентирани набавки од 2,15 милиони денари
Пропусти се констатирани и во материјалното работење. Пописот на средствата и обврските не бил целосно спроведен, при што не биле опфатени градежните објекти и нематеријалните средства.
Во материјалната евиденција не биле внесени канцелариски материјали во вредност од 1,107 милиони денари, обрасци поврзани со инспекциските надзори вредни 791 илјада денари, како и автомобилски гуми во вредност од 249 илјади денари.
Вкупната вредност на неевидентираните набавки изнесува околу 2,15 милиони денари.
ДЗР утврдил и дека за опрема украдена во 2025 година не била доставена документација од надлежен орган со која би се потврдил настанот. Иако по преземањето на ДПИ во состав на Министерството за економија и труд бил предвиден вонреден попис, до денот на ревизијата тој не бил реализиран.
Промена на статусот и препораки
Во извештајот е опфатен и статусот на ДПИ, кој претходно функционирал како орган во состав на Министерството за економија со својство на правно лице и сопствена буџетска сметка. По законските измени продолжил да работи како орган во состав на Министерството за економија и труд, но без својство на правно лице.
ДЗР ова го разгледува и во контекст на препораките на Европската комисија од 2025 година, кои се однесуваат на зајакнување на персоналот, реструктурирање и дигитализација на оперативните постапки, како и обезбедување оперативна независност на Пазарниот инспекторат.
За надминување на утврдените слабости, ревизорите препорачуваат зголемување на човечките ресурси, воспоставување електронски регистри и информациски систем за инспекцискиот надзор, подобрување на финансиската и материјалната евиденција и унапредување на инспекциските постапки.
Меѓу препораките се и обезбедување соодветни услови за чување на одземените предмети и создавање финансиски и други услови за континуирани контроли на безбедноста на производите на македонскиот пазар.