Македонија

Еден пожарникар со изгореници, вчерашниот ден бил еден од најтешките во справувањето со пожарите во Македонија

Еден пожарникар со изгореници, вчерашниот ден бил еден од најтешките во справувањето со пожарите во Македонија

Вчерашниот ден бил еден од најтешките ова лето во справувањето со пожарите низ Македонија, а најкритично било во Пелагонискиот Регион и во Богомила, каде огнената стихија се доближила до населените места и куќите, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Во Богомила огнот стигнал до првите куќи, но благодарение на брзата реакција на пожарникарите, локалното население и пожарникарите од Велес, пожарот најпрво бил локализиран, а потоа и изгаснат.

Најтешка, според Ангелов, била состојбата во Пелагонискиот Регион, каде огнот ги загрозувал селата Ивањевци, Лознани и Новоселани.

Тој раскажа дека доцна попладнето на терен затекнале драматична состојба, со пламен на само педесетина метри од куќите.

– Она што го затекнавме беше застрашувачко. Огнот беше на само 50 метри од куќите, имаше зафатено висока сува трева и се движеше кон куќите. На лице место гаснеа пожарникарите, но борбата беше многу тешка бидејќи линијата на огнот беше многу голема – изјави Ангелов.

Во гаснењето голем придонес дало и локалното население, а бил ангажиран и тим за брзо распоредување составен од 20 припадници на доброволното друштво „Архангел“ од Битола, кои помогнале во гаснењето на преостанатите огнени линии.

Едно лице е хоспитализирано поради изгореници здобиени додека учествувало во гаснењето на пожарите.

Ангелов посебно го истакна примерот на Александар Чепиговски – Аце од Ивањевци, кој со трактор интервенирал директно на линијата на огнот.

– Посебно сакам да го истакнам и да му се заблагодарам на младиот тракторист Аце, Александар Чепиговски од Ивањевци, кој покажа извонредна вештина во управувањето со својот огромен трактор. Изложувајќи се на голем ризик, ораше директно низ линијата на огнот и на повеќе места го спречи неговото ширење – рече Ангелов.

Според последните информации на Центарот за управување со кризи, до 7:30 часот утрово во земјава биле регистрирани 40 пожари на отворен простор, од кои шест сè уште биле активни, три биле ставени под контрола, а 31 бил изгаснат.

Активни пожари има во општина Студеничани, над селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, каде гори мешана шума, како и кај Драгов Дол во Македонски Брод, каде се зафатени ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Сè уште активни се и пожарите кај Лопатица во Битолско, во општина Новаци кај селата Маково, Мојно и Брник, на потегот од Алданци до Норово во Крушевско, како и кај селото Слп во општина Велес, каде е зафатена шума.

Под контрола се пожарот на депонијата во Делчево, пожарот кај селата Лознани и Вашарејца во општина Могила и пожарот кај Копанце во општина Јегуновце.

Од ЦУК информираат дека во текот на претходниот период биле изгаснати уште 31 пожар во повеќе општини, меѓу кои Сарај, Прилеп, Крушево, Долнени, Ново Село, Василево, Охрид, Струга, Кичево, Чашка, Велес, Кавадарци, Куманово, Липково, Јегуновце, Тетово, Врапчиште и Гостивар.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни