Еди Рама: Албанската министерка со вештачка интелигенција е бремена со 83 деца

Албанскиот премиер Еди Рама повторно привлече внимание со необична изјава – дека министерот со вештачка интелигенција Диела е „бремена“ со 83 деца. Изјавата ја даде на конференцијата „Глобален дијалог“ во Берлин, каде го објасни планот за создавање 83 дигитални асистенти, по еден за секој пратеник од неговата Социјалистичка партија.

„Презедовме голем ризик со Диела и се снајдовме многу добро. Диела е првпат бремена и тоа со 83 деца“, изјави Рама, алудирајќи на новиот технолошки проект што треба да го дигитализира работењето на парламентот.

Премиерот појасни дека „децата“ – односно виртуелните асистенти – ќе имаат задача да ги следат парламентарните седници, да евидентираат што се зборува и да ги информираат пратениците за сите дискусии или настани што ги пропуштаат.

„Ако одите на кафе и не се вратите на работа, ова дете ќе ви пренесе што било кажано додека не сте биле во салата и ќе каже на кого треба да му контрирате“, рече Рама, додавајќи дека системот ќе биде целосно функционален до крајот на 2026 година.

Албанија во септември стана првата земја во светот со министер со вештачка интелигенција, кога беше претставена Диела – дигитален лик создаден за да помогне во борбата против корупцијата.

Рама тогаш објасни дека Диела ќе биде задолжена за јавните тендери и владините одлуки, со цел тие да станат „100 проценти без корупција“. Од своето лансирање во јануари, Диела е прикажана како жена облечена во традиционална албанска облека, симбол на спојот меѓу технологијата и националниот идентитет.