Премиерот на Албанија, Еди Рама, денеска објави дека од 1 јануари (2026 г.), минималната плата во земјата ќе се зголеми и ќе изнесува 500 евра.
Информацијата беше соопштена директно од премиерот, кој нагласи дека оваа одлука ќе влијае позитивно на 307.850 вработени.
Според Рама, ова ќе биде првото, но не и единственото зголемување во овој владин мандат. Крајната цел, како што рече тој, е минималната плата да достигне 700 евра до крајот на мандатот.
Албанската влада, исто така, ќе интервенира за да му помогне на приватниот сектор да го издржи овој трошок. Рама објасни дека ќе бидат издвоени 90 милиони евра за период од 9 месеци, со кои ќе се субвенционираат дополнителните трошоци за осигурување на вработените.
Премиерот ја искористи објавата за да испрати и политичка порака, поврзувајќи го зголемувањето со довербата што граѓаните ѝ ја дадоа на неговата партија.
„Вака кажано, ова сум јас и ова сме ние. Јас велам и ние го кажуваме она што го правиме и го правиме она што го кажуваме. И тие 83 мандати што ни ги дадовте да управуваме со Албанија во четвртиот мандат… се 83 причини повеќе од до вчера, да не спиеме, да работиме без одмор. Извонредна доверба што ни ја дадовте е извонредна привилегија“, рече Рама.
Како што се нотира, Албанија, слично како и Македонија, е една од земјите во регионот со најниски плати.