Социјалистичката партија на Албанија, предводена од премиерот Еди Рама, е во убедливо водство на парламентарните избори одржани на 11 мај, покажуваат најновите податоци објавени од Централната изборна комисија (ЦИК). До утрово се пребројани 1.083 гласачки кутии од вкупно 5.225, а социјалистите имаат освоено 53,26% од гласовите.
Првичната распределба на мандати укажува дека Социјалистичката партија освоила 82 пратенички места, со убедливо водство во изборните единици Тирана, Фиер, Драч и Елбасан.
Премиерот Рама се огласи на социјалните мрежи рано изутрина, објавувајќи фотографија од розовото партиско седиште со симболичната порака: „Каква зора е денес“, придружена со бројот 5 – изборниот број на партијата.
Од друга страна, коалицијата предводена од Демократската партија (ДП) освои 50 мандати, што е за 13 помалку од претходните избори. Лидерот на ДП, Сали Бериша, на прес-конференција нешто пред полноќ, не прецизираше дали ќе го признае изборниот резултат, тврдејќи дека „силеџиите од Драч“ се обидуваат да го фалсификуваат исходот.
Кај помалите партии, Партијата на социјалдемократите (ПСД) на Том Доши е трета политичка сила со 4 мандати, а коалицијата „Nisma Shqipëria fëster“ доби 2 мандати. По еден мандат имаат и Партијата на можности и Движењето „Заедно“.
Изборниот процес во Албанија продолжува да се следи со големо внимание и од домашната и од меѓународната јавност, особено поради чувствителната политичка клима и нерешените поделби во опозицијата.