Планинарската патека која ги поврзува Нижо Поле, Големо Езеро и Брајчино започна да добива целосно ново уредување, со активности кои опфаќаат 19 километри планинарска и пешачка траса.

На терен се работи на целосно расчистување на вегетацијата долж патеката, како и на обновување на Кнафелцовата планинарска сигнализација. Предвидено е и поставување нова зимска маркација на делницата од Нижо Поле до Големо Езеро, преку Дебел Рид.

Во рамки на уредувањето ќе бидат поставени и нови патокази кои ќе овозможат полесно насочување кон Мало Езеро и врвот Пелистер од правец на Големо Езеро.

Активностите се реализираат во исклучително тешки теренски услови поради алпските карактеристики на подрачјето. Поради непристапноста на теренот, целокупната опрема и работниот алат се пренесуваат рачно.

Уредувањето се реализира во соработка со Slavkov Hiking Trails, Амбасадата на Австрија во Скопје, Амбасадата на Чешка во Скопје, Амбасадата на Словачка во Северна Македонија, Prespa Ohrid Nature Trust – PONT и Министерството за животна средина и просторно планирање.