ЕФ обвинува за системска дискриминација

Европскиот фронт упати серија јавни обвинувања по повод првата годишнина на Владата, оценувајќи дека таа го избрала патот на системска дискриминација и етничка исклученост. Пратеничката Арбана Пашоли изјави дека по противуставното укинување на правичната и соодветна застапеност, како и механизмот на Балансерот од страна на Уставниот суд, институциите повеќе немаат обврска за правична застапеност.

-Денес ја започнавме оваа серија со основната тема за секој граѓанин – правото на вработување во државната и јавната администрација. Уставно право, но во пракса претворено во моноетничка привилегија. По противуставното укинување на уставната вредност за правичната и соодветна застапеност и на механизмот на Балансерот од Уставниот суд, државните институции се ослободија од секоја обврска за правична и соодветна застапеност, изјави Арбана Пашоли, пратеничка од Европскиот фронт.

Од друга страна, ВРЕДИ тврди дека вовеле револуција во јавната администрација – унапредувања, вработувања и правда за албанските кадри. Потенцираат дека за само неколку недели се реализирале десетици унапредувања и вработувања во институции како Центарот за управување со кризи, ЕСМ – Снабдување со топлина и во ХЕЦ Треска – Скопје. Додаваат дека во последните 10 месеци имаат вработено повеќе Албанци отколку ДУИ за 22 години.

-ВРЕДИ воведува нови стандарди на владеење, каде што дадениот збор станува реалност, а граѓаните се чувствуваат достоинствено застапени. Ја враќаме довербата во институциите, создаваме простор за нови и способни кадри и гарантираме квалитетни услуги за сите граѓани, без разлика. Ова е само почетокот, велат од ВРЕДИ.

Од друга страна, и АА-Таравари изрази загриженост за дискриминацијата кон Албанците во институциите, велејќи дека додека ВРЕДИ се фали со неколку вработувања што се бројат на прсти на едната рака, јавноста е сведок дека во текот на една година имало околу 1.000 вработувања на Македонци, додека бројот на вработени Албанци останува смешен и загрижувачки.