Започна судскиот процес против поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, која се соочува со обвинение за две кривични дела.
Обвинителството ја товари Димитровска за одавање службена тајна на Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“, и за компјутерски фалсификат.
Во вториот случај, обвинението тврди дека ревизорот Миле Столевски полагал тест за сертификат „државна тајна“ во нејзино име.
Одбраната ќе го побива обвинението дека податоците што завршиле кај Стојановиќ не се службена тајна, туку јавно достапни. Во однос на обвинението за компјутерски фалсификат, одбраната смета дека тестот не бил клучен елемент за добивање на сертификатот „државна тајна“, туку проценката на Агенцијата за национална безбедност (АНБ). За да ја поткрепи оваа теза, одбраната предложи да сведочат претставници од АНБ и ДКСК.
На обвинителна клупа, покрај Димитровска и Столевски, седнаа и Борче Најдов и Билјана Петровска Мантева.