Македонија

Екс директорката Асани оди во куќен притвор, продолжува истрагата за водата со фекалии во Гостивар

Екс директорката Асани оди во куќен притвор, продолжува истрагата за водата со фекалии во Гостивар

Поранешната директорка на Јавното претпријатие „Комуналец“, Артана Асани, ќе биде во куќен притвор, откако гостиварскиот суд ја замени мерката затворски притвор. Постапката против неа продолжува во рамки на истрагата за загадувањето на водата за пиење во Гостивар.

Асани беше уапсена во јули, заедно со уште двајца раководители во претпријатието, по што на сите им беше определен притвор. Мерката подоцна беше продолжена, а одбраната на Асани побара затворскиот притвор да биде заменет со куќен.

Со последната судска одлука, Асани останува лишена од слобода, но мерката ќе ја издржува во својот дом, под условите и ограничувањата определени од судот. Промената на мерката не значи прекин на постапката, ниту ослободување од сомнежите што се предмет на истрагата.

Асани и другите осомничени се поврзуваат со случајот со загадената вода во Гостивар, кој предизвика здравствени проблеми кај граѓаните и отвори сериозни прашања за управувањето и контролата на системот за водоснабдување.

Според досегашните сомнежи во истрагата, до загадување на водата дошло откако со пумпи била внесувана отпадна вода од отворен канал директно во водоводниот систем.

Случајот беше откриен откако повеќе жители на Гостивар почнаа да се јавуваат во гостиварската болница со стомачни тегоби. Потоа било утврдено дека водата од градскиот водовод е загадена.

На 17 јули надлежните забранија водата да се користи за каква било намена, по што жителите на Гостивар неколку недели се снабдуваа со вода од цистерни, со дополнителна помош од Владата.

По интервенцијата на екипи од скопски „Водовод“ и прочистувањето на водоводната мрежа, Гостивар од 14 август повторно доби безбедна вода за пиење.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни