Бројот на жртви од експлозијата во фабрика во рускиот град Копејск на источните падини на Јужен Урал се искачи на девет, објави руската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на гувернерот на Чељабинската област, Алексеј Текслер.
Претходно, беа пријавени четири лица загинати, а пет повредени. Извештаите дека беспилотно летало се урнало во фабриката не можеа веднаш да се потврдат. Во својата објава на платформата за пораки Телеграм, Текслер не кажа за каков тип фабрика станува збор.
Сепак, локалните извештаи сугерираат дека фабриката произведува муниција за руската војска. Текслер претходно на Телеграм изјави дека службите за итни случаи се распоредени на местото на настанот за да го стават пожарот под контрола.
Тој додаде дека нема индикации дека инцидентот е на кој било начин поврзан со активноста на беспилотни летала. Копејск е оддалечен околу 2.000 километри од Украина и се наоѓа во близина на руската граница со Казахстан.
Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Киев сè повеќе користи беспилотни летала за таргетирање фабрики и енергетска инфраструктура длабоко во соседната земја.
Украинските разузнавачки служби, исто така, саботираат руски одбранбени компании.
Видеото можете да го погледнете ТУКА