Подобра авионска поврзаност меѓу Скопје и Белград се очекува во претстојната зимска сезона, откако „Ер Србија“ планира да го зголеми бројот на летови на оваа релација.
Српскиот национален авиопревозник од 25 октомври ќе оперира со вкупно 14 летови неделно меѓу двата главни града, што значи воведување на два лета дневно.
Според специјализираниот воздухопловен портал „Екс Ју авијација“, новиот распоред претставува зголемување во однос на првично планираните 11 неделни ротации. Во споредба со минатата зимска сезона, кога биле реализирани по 10 летови неделно, бројот на летови дополнително се зголемува.
Зголемената фреквенција ќе овозможи поголем избор на термини за патниците кои патуваат меѓу Македонија и Србија, како и подобра поврзаност преку белградскиот аеродром.
Сите планирани летови на линијата Белград – Скопје и обратно ќе се реализираат со турбопропелерски авиони „ATR 72-600“.
Новата зимска динамика треба да стартува на 25 октомври.