Ердоган и Ципрас: Борбата против тероризмот е важна, двете земји како сојузници треба заедно да се борат, да ја зајакнеме соработката во безбедноста

Ципрас и Ердоган денеска одржаа  заедничка прес-конференција откако грчкиот премиер замина на дводневна посета во Анкара.

По нивната средба, темите се задржаа на билатералната соработка и можностите за нејзино продлабочување, на мигрантската криза, кипарското прашање, но и на осумтемина турски војници кои добија азил во Грција.

Ердоган истакна дека борбата против тероризмот е важна, па затоа двете земји, како сојузници, треба заедно да се борат и да имаат заеднички третман за организации, како Курдската работничка партија (ПКК) или движењето на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен и „не треба бегалците припадници на овие движења да се наоѓаат во Грција“.

– Ние тоа го сакаме и сакам да го привлечам вниманието на соседната земја. Мора да ги почитувавме оние кои на 15 јуни (2016 година) ги изгубија животите справувајќи се со овој пуч и очекуваме дека и Грција, исто така, ќе го почитува ова и ќе дејствува соодветно кон овие бегалци, кои ги згрижи, порача турскиот претседател.

Ципрас, од своја страна, изјави дека грчката Влада, Грција и грчкиот народ се категорично против оние кои се обидоа да ја урнат демократски избраната Влада на Турција и дека Грција е земја „која ја поддржува демократијата и нема намера да брани пучисти“, но дека земјата има свој правен систем и ги почитува одлуките на судот.

– Грција како држава во која владее правото мора да ги почитува одлуките на судот. Секако, во Грција пучистите не се добредојдени, но сепак она што е важно во овој момент е да ја зајакнеме соработката во безбедноста, за ефективно да се справиме и со мрежите на криумчарите (на луѓе) во Егејското Море и кај Марица и со секоја криминална група и со се што е сомнително и што сака да создаде проблеми во добрососедските односи и соработката меѓу две земји, нагласи грчкиот премиер.

И Ципрас и Ердоган говореа за подобрувањето на билатералните односи и за развивање на врските во сите области, но турскиот претседател истакна дека прво е потребна доверба.

Извор: ТВ21