Италијанскиот аеродром „Катанија-Фонтанароса“ е повторно затворен, а сите летови се прекинати поради новата ерупција на вулканот Етна. Управувачката компанија „Sac“ потврди дека воздушниот простор е целосно затворен поради високата концентрација на вулканска пепел и неповолните временски услови.
Сите пристигнувања и заминувања се откажани, а првичната забрана за летови е продолжена до крајот на денот (23:59 часот). Властите апелираат до патниците да не патуваат кон терминалот без претходно да го проверат статусот на својот лет кај авиокомпаниите.
Затворањето на овој клучен транспортен јазол предизвика верижна реакција и сериозен прекин во регионалната мрежа. Останатите сицилијански аеродроми — Комизо, Палермо и Трапани — се соочуваат со преоптовареност поради пренасочените летови, оставајќи илјадници патници заглавени.
Екстремни цени на билетите и реакција на здруженијата
Блокадата брзо отвори спорови околу цените на превозот. Граѓанските здруженија алармираат за драстично и неоправдано покачување на цените на алтернативните летови. Здружението „Acli Terra“ посочи фрапантен пример каде што цената за лет на relacijата Верона–Палермо достигнала дури 1.180 евра. Од таму бараат итна интервенција од властите, со порака дека природните непогоди не смеат да се користат за финансиско исцрпување на граѓаните.
Синдикатите бараат итен системски протокол
Транспортните синдикати „Filt Cgil“, „Fit Cisl“ и „Uiltrasporti Sicilia“ ја оценија ситуацијата како целосен хаос, критикувајќи го отсуството на функционален кризен план. Тие нагласуваат дека ерупциите на Етна веќе не се непредвидлив настан, туку честа појава која бара трајно системско решение, а не импровизирани мерки од случај до случај.
Синдикалците предупредуваат дека најголемиот притисок го поднесуваат вработените на аеродромите и во авиокомпаниите, кои без прецизни насоки се изложени на стрес и судир со револтираните патници. Поради тоа, упатија барање до регионалните власти за итно потпишување на траен протокол за заштита на работниците и стабилно управување со кризи.