ЕУ го казни Гучи со 120 милиони евра

ЕВРОПСКАТА комисија објави дека ги казнила луксузните модни куќи Gucci, Chloé и Loewe со вкупно 157,4 милиони евра за мешање во политиките за цени на трговците на мало.

Gucci мора да плати казна од 119,7 милиони евра, Chloé 19,7 милиони и Loewe 18 милиони евра. Брисел ги намали износите за сите три компании бидејќи соработуваа во истрагата и обезбедија докази. Брендовите со седиште во Италија, Франција и Шпанија нелегално ги одредуваа цените на своите производи за трговците на мало, утврди Комисијата.

Потпретседател на Европската комисија: Одлуката испраќа силен сигнал

„Особено, трите модни компании се мешаа во комерцијалните стратегии на своите трговци на мало со наметнување ограничувања, како што е барањето да не отстапуваат од препорачаните малопродажни цени, максималните попусти и одредени периоди за распродажби“, се вели во соопштението на ЕК.

Ваквите практики резултираат со повисоки цени и го ограничуваат изборот на потрошувачите, заклучи Брисел. Прекршоците се протегаа неколку години и ја опфаќаа целата Европска Унија.

„Сите потрошувачи во Европа заслужуваат придобивки од вистинска ценовна конкуренција, што и да купат и каде и да купат, онлајн или офлајн. Одлуката испраќа силен сигнал до модната индустрија и пошироко дека нема да толерираме вакви практики во Европа и дека фер конкуренцијата и заштитата на потрошувачите важат подеднакво за сите“, изјави потпретседателката на Европската комисија, Тереза ​​Рибера.

Реакции од казнетите модни куќи

Сопственикот на Гучи, Керинг, изјави за Ројтерс дека истрагата на ЕУ е завршена по соработката, додавајќи дека износот на казната го евидентирал во резултатите од првата половина на годината на групата.

Лоу, исто така, потврди дека постигнал спогодба со ЕУ, нагласувајќи дека има намера „строго да се придржува“ кон правилата за фер конкуренција во своето идно работење. Клое рече дека го сфаќа прашањето „исклучително сериозно“, додавајќи дека од 2023 година, кога ЕУ отвори истрага, ги заострила мерките за да обезбеди усогласеност.