ЕУ воведува нови санкции за Иран поради сериозни прекршувања на човековите права

Европска Унија ќе воведе дополнителни санкции кон Иран поради сериозни прекршувања на човековите права, изјавија за германската новинска агенција ДПА неименувани дипломатски извори.

Одлуката едногласно е донесена денеска по веста дека втор демонстрант бил погубен во Иран.

Активистите за човекови права проценуваат дека најмалку 470 демонстранти се убиени, а повеќе од 18.000 уапсени за време на протестите што траат од средината на септември.

Со новите санкции се опфатени 20 лица и една организација, на кои ќе им биде замрзнат потенцијалниот имот во ЕУ и ќе им биде забрането да патуваат во Унијата.

Санкциите ќе стапатвоа сила откако ќе бидат објавени во Службен весник на ЕУ.

Министрите за надворешни работи на ЕУ попладнево ги усвоија заклучоците за Иран и ја осудија поддршката што и ја дава оваа земја на Русија во нејзините воени активности против Украина.

Во заклучоците министрите повторуваат дека “силно се осудува” и се смета за “неприфатлива” било каква воена помош од Иран за нелегалната, неиспровоцирана и неоправдана војна на Русија против Украина.

Оружјето што Иран и го испорачува на Русија се користи против цивилното население во Украина, додаваат министрите за надворешни работи на ЕУ, како и против инфраструктурата, што предизвикува „страотно уништување”. ЕУ потсетува дека секако трансфер на воени дронови и ракети од или во Иран без претходна авторизација од Советот за безбедност на Обединетите Нации претставува прекршување на резолуцијата 2231 на истото тело.

Европската Унија исто така забележува “со загриженост” дека некое иранско оружје, вклучително и дронови, се фабрикува со компоненти од Европа.

Иран се предупредува дека ќе се смета за одговорен ако продолжи да испорачува оружје во Русија посебно ако дојде до ескалација. Во тој случај ЕУ се заканува со дополнителни санкции против Иран.

Што се однесува до нуклеарното оружје, Европската Унија повторува дека Иран не смее никогаш да развие таков вид на оружје.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното