Растечката потреба од бакар, поттикната од електрификацијата и чистите енергетски технологии, отвора прашања за идната стабилност на глобалното снабдување со овој критичен минерал. Според анализата „Синтеза на европскиот синџир на снабдување со бакар во рамките на Директивата за критични суровини“, објавена во „ScienceDirect“, капацитетите за рударење и преработка можеби нема да можат да одговорат на очекуваното зголемување на побарувачката.
Документот ја истакнува важноста на европската Директива за критични суровини, чија цел е зајакнување на автономијата на ЕУ преку развој на сопствени капацитети за ископ, преработка и рециклирање. Со тоа, Унијата настојува да ги намали зависностите од увоз од трети земји и да создаде поотпорен и поодржлив синџир на снабдување.
Бакарот е особено значаен за енергетската транзиција, бидејќи се користи во електроенергетската инфраструктура и во технологиите за чиста енергија. Дополнително, неговата можност за рециклирање го прави важен ресурс во развојот на циркуларната економија.
Недостигот од доволно примарно снабдување го нагласува значењето на новите рударски можности. Во такви услови, „Иловица–Штука“ може да се разгледува како потенцијален придонес кон економскиот развој и кон позиционирањето на Македонија во европскиот синџир на снабдување со бакар.
Претходно, домашните експерти повикаа Македонија да се вклучи во трката за критични минерали и да ги искористи своите ресурси преку воспоставување на одржливо рударство, во согласност со европските стандарди.Тоа беше напоменато и во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046, а геолозите и инженерите во јавните излагања потврдуваат дека Македонија има големи потврдени капацитети на бакар, особено во Иловица. Дури и во неодамнешна анализа на професори од Универзитетот во Штип се нагласува дека порфириското наоѓалиште на бакар и злато „Иловица-Штука“ останува најголемиот потенцијал за гринфилд рударски проект, но неговата траекторија е доминирана од судски спорови за концесии и спојувања, наместо од едноставно извршување на проектот. Проектот сепак добива поддршка од локалната иницијатива „И здравје и работа“, од каде соопштија дека одговорното развивање на рударските проекти може да придонесе за отворање директни и индиректни работни места, развој на локалните бизниси, зголемување на извозот и подобрување на јавните приходи.
„Во време кога минералните суровини стануваат сè поважни за европската и светската економија, нашата земја треба да го искористи својот потенцијал преку стручни анализи, современи технологии и високи стандарди за заштита на животната средина… Минералните ресурси не треба да останат неискористен потенцијал. Со знаење, современа технологија и одговорно управување, тие можат да придонесат за економски развој, подобар животен стандард и создавање иднина во која младите ќе имаат причина да останат и да живеат во Македонија“, порачаа од иницијативата.
Инаку, како што пишува во студијата на холандските професори, за да обезбеди економска отпорност, Европската Унија се справува со ризиците поврзани со стратешките зависности, особено по геополитичките конфликти и како резултат на тоа, ЕУ им дава приоритет на стратешката автономија и на сигурниот пристап до критичните суровини, кои се од суштинско значење за постигнување на климатските цели.
„Овие фактори заеднички го прават бакарот материјал што е истовремено стратешки клучен и методолошки репрезентативен за проучување на дизајнот на инфраструктурата за рециклирање. Итното прашање не е толку исцрпувањето на бакарот или на другите критични метали, туку неможноста тие да се обезбедат навреме за зголемените идни потреби на индустриите. Временскиот период потребен за развој на нови рудници е долг и често изнесува од 10 до 20 години“, се додава во текстот.
Авторите порачуваат веднаш бакарот и да се рециклира, со оглед на долгиот временски период потребен за изградба на нови рудници, иако постапките за издавање дозволи за отворање рудници, постројки за преработка и капацитети за рециклирање – кои претходно беа расцепкани и бавни – ќе се спроведуваат по забрзаната процедура за стратешки проекти.
Последно, инвестицискиот фонд „Sprott Asset Management“ објави прогноза дека глобалното производство на бакар од рудници би можело да падне оваа година, за првпат по речиси една деценија, и покрај тоа што цените достигнаа рекордни нивоа. Ова се должи на пречките во работењето, опаѓањето на квалитетот на рудата и слабото производство од големите наоѓалишта. Во прогнозата се истакнува дека на проектите за бакар им се потребни во просек околу 17,5 години за да преминат од фазата на откривање во фазата на производство.