Европска комисија: Кочани ја откри системската негрижа

Во најновиот извештај за 2025 година, Европската комисија посветува значајно внимание на трагедијата во ноќниот клуб во Кочани, оценувајќи дека таа ги разоткрила „трајните системски предизвици“ во земјата. Трагичниот пожар од 16 март 2025 година, во кој животот го загубија 62 лица, а над 190 беа повредени , според Брисел, е директен одраз на „системска институционална негрижа“ и „недостиг на надзор“ врз основните безбедносни стандарди и владеењето на правото.

Извештајот ја поврзува несреќата директно со неуспехот во спроведувањето на антикорупциските мерки. Како реакција на трагедијата, беа поттикнати и јавни протести против коруптивните практики и негрижата на институциите.

Обвинети 34 лица, вклучително и функционери

Европската комисија го регистрира и правниот исход по несреќата. Во извештајот се наведува дека на 13 јуни, Јавното обвинителство покренало обвиненија против 34 физички лица и три правни лица, главно за „тешки дела против јавната безбедност“.

Во документот се нагласува широкиот опсег на обвинети, кој вклучува:

  • Сопствениците на ноќниот клуб
  • Поранешни градоначалници
  • Инспектори
  • Припадници на обезбедување
  • Поранешни министри
  • Вработени во државни институции

Во извештајот се споменува и дека земјата го активирала Механизмот на ЕУ за цивилна заштита по пожарот, со што биле евакуирани 40 пациенти со изгореници на лекување во европските земји. Исто така, се нотира дека Северна Македонија изразила благодарност до Бугарија и Грција за навремената помош што ја пружиле за дел од повредените.