Европската комисија најави отворање фабрики за вештачка интелигенција во Македонија и Србија

Европската комисија денеска го најави проширувањето на програмата „Фабрички антени за вештачка интелигенција“ (AIFA) во седум земји членки на ЕУ и шест партнерски држави, меѓу кои и Северна Македонија.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Инвестицискиот форум во Тирана соопшти дека фабриките за вештачка интелигенција ќе се прошируваат и во Северна Македонија и Србија.

„Ќе ги отвориме нашите фабрики за вештачка интелигенција за Западен Балкан. Почнуваме со две антени – во Северна Македонија и во Србија. Со тоа создадовме брз дигитален ’рбет за целиот регион, кој ќе им овозможи на компаниите во сите шест партнери да се поврзат со овие фабрики,“ изјави Фон дер Лајен.

Таа нагласи дека ова проширување ќе им овозможи на компаниите од Западен Балкан пристап до европската инфраструктура за вештачка интелигенција.

„Со други зборови, компјутерската моќ на Унијата ќе биде на ваша услуга. Сакам иднината на вештачката интелигенција да се создава во Европа, а Западниот Балкан да биде во неговото јадро,“ порача Фон дер Лајен.

Освен Северна Македонија, програмата АИФА е проширена и во Белгија, Ирска, Кипар, Летонија, Малта, Словачка и Унгарија, како и во Велика Британија, Исланд, Молдавија, Србија и Швајцарија.

Од Европската комисија објаснуваат дека ова проширување ќе овозможи поблиска соработка меѓу фабриките за вештачка интелигенција, обезбедувајќи безбеден далечински пристап до ресурси за суперкомпјутери од светска класа, оптимизирани за развој на напредни АИ технологии.

Мрежата, која е дел од екосистемот EuroHPC, има за цел да го прошири пристапот до таленти, инфраструктура и иновации во областа на вештачката интелигенција низ цела Европа.

Со последното проширување, вкупниот број на фабрики за вештачка интелигенција во мрежата достигна 19, распоредени во 16 земји членки на Европската унија.

Оваа иницијатива, според ЕК, е дел од Акцискиот план за Европа за вештачка интелигенција и ги надополнува инвестициите на Унијата во идните гигафабрики за развој и обука на најсовремени модели и системи на вештачка интелигенција, кои ќе ја забрзаат дигиталната трансформација на европската економија и јавниот сектор.