Пратеничката група на Европски фронт поднесе барање до претседателот на Собранието, Африм Гаши, за информации поврзани со истрагата за трагедијата во дискотеката во Кочани, каде загинаа 59 лица, а над 150 беа повредени.
„Барањето се базира на член 205, став 2 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија и вклучува неколку клучни точки кои бараат објаснување од Владата, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и други институции, меѓу кои се: инспекциски проверки и превентивни мерки – мерки преземени пред трагедијата, постапки на органите за ред и итни случаи – дејствија во денот на настанот, детали за истрагата и нејзината транспарентност – како е спроведена истрагата и зошто постои селективен пристап, селективниот пристап во истрагата – објаснување на фокусирањето само на определени функционери и мерките за обезбедување независна и транспарентна истрага – преземени активности за гарантирање на правдата“, наведуваат од Европскиот фронт.
Тие бараат собраниска Комисија да ја следи работата на истражните и правосудните органи, посочувајќи на селективен пристап во истрагата. Исто така, повикуваат на итна расправа и формирање на Парламентарна комисија со меѓународен надзор за осигурување транспарентност и правда.
„Ова е важна можност да се вратат довербата и сигурноста на граѓаните во нашиот правосилен систем и институции. Затоа, апелираме до сите народни претставници од сите парламентарни групи од утре да го потпишат ова барање и иницијатива, ако веруваат дека е неопходно независно надгледување на оваа чувствителна ситуација, со цел да се обезбеди правда за жртвите и да се вратат довербата и сигурноста во системот“, наведуваат од Европскиот фронт.