Полицијата поднесе прекршочна пријава против 22-годишен турски државјанин, откако тој синоќа предизвикал сообраќајна несреќа во скопската општина Аеродром и избегал од местото на настанот.
Според информациите од СВР Скопје, несреќата била пријавена на 08.11.2025 во 22:50 часот.
На сервисна улица на булеварот „Матеја Матевски“, патничко возило „БМВ 5“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.А.А. (22) од Република Турција, а со привремен престој во Скопје, удрило во контејнери, а потоа и во патничко возило „Алфа Ромео“ со демиркаписки регистарски ознаки.
М.А.А. веднаш по несреќата го напуштил местото на настанот.
Сепак, по преземени мерки од страна на полициските службеници, тој набрзо бил пронајден и фатен. При проверката, било утврдено дека возел под дејство на алкохол, при што му биле измерени 0,97 промили.
Против него е поднесена прекршочна пријава по три основи од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата:
- Член 33 (недозволена брзина)
- Член 215 (напуштање на лице место)
- Член 228 (возење под дејство на алкохол)
Возачот веднаш е изнесен пред судија за прекршоци.