Филипче: Договор има, Мицкоски за пари прифаќа мигранти!

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција посочи дека е повеќе од очигледно дека постои договор за мигрантите кој Владата на ВМРО-ДПМНЕ е обврзана да го прифати. Тој укажа дека ваквата обврска е директно поврзана со тешката финансиска состојба во која се наоѓа  државата и продлабочената буџетска дупка што ја создаде власта.

„Повеќе е од очигледно дека договор за мигрантите има. Власта на ВМРО-ДПМНЕ мора да го потпише тој договор, затоа што тоа е врзано со кредитот од шест милјарди евра. Работите се врзани во пакет, Мицкоски и владата отворија толку голема дупка, што нема пари како да се затвори се. Веќе сега, до крајот на годината, има една милјарда евра недостаток на пари во буџетот“, рече Филипче.

На прес-конференцијата Филипче предупреди дека земјата се наоѓа во сериозна состојба и дека  Македонија воопшто нема капацитет да се справи со дополнителен товар како што е прифаќањето на мигранти.

„Дали Македонија, земја која веќе се соочува со потешкотии да исплати плати и да одржи базичен ред дома, може да издржи евентуален наплив на мигранти? И, дали економски таквата обврска е воопшто одржлива?“, праша Филипче.

Тој нагласи нагласи дека јавноста мора да биде целосно информирана за последиците од ваквите договори. Потсети дека Албанија и Косово веќе прифатиле одбиени мигранти од Британија и Италија, при што во Албанија првите мигранти веќе се пристигнати, донесени со воен брод.

„Ако Албанија и Косово се веќе вклучени, јасно е која би била третата земја во регионот што не е членка на ЕУ. Во овој момент – тоа е Македонија“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.