Македонија

Филипче: Евроинтеграциите зависат само од власта, уставните измени не се ризик за идентитетот

Филипче: Евроинтеграциите зависат само од власта, уставните измени не се ризик за идентитетот

Иднината на евроатлантскиот пат на државата и продолжувањето на преговорите со Европската Унија зависат исклучиво од волјата на актуелната власт, која очигледно нема намера да го направи тој чекор, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Пред почетокот на конгресот на НСДП, тој повтори дека внесувањето на Бугарите во Уставот не претставува никаква закана за македонскиот национален идентитет.

Според Филипче, власта свесно внесува страв меѓу граѓаните со тврдењата дека се загрозени јазикот и идентитетските одредници, со цел да ги избегне уставните измени кои, како што вели, не носат никаков ризик.

„Билатералните прашања со која било земја членка на ЕУ не се дел од нашата преговарачка рамка и граѓаните мора да го знаат тоа. Тие прашања се решаваат билатерално и не можат да го сопрат отворањето и затворањето на кластерите“, потенцираше лидерот на опозицијата.

Филипче ја обвини владата предводена од Христијан Мицкоски за лажен патриотизам и манипулација, слична на онаа од пред изборите во 2024 година. Тој заклучи дека со блокирањето на европскиот пат, оваа власт директно ги загрозува националните интереси и иднината на државата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни